Политика

Продолжува собраниската расправа за реконструкција на Владата

14.02.2023 15:22

На собраниската говорница најмногубројни пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Малку суштинска дискусија, повеќе реплики, неизвесно кога ќе се гласа за разрешување на актуелните и назначување на нови министри и заменици...

На собраниската говорница, најмногубројни пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Малку суштинска дискусија, повеќе реплики, неизвесно кога ќе се гласа за разрешување на актуелните и назначување на нови министри и заменици.

Од ВМРО-ДПМНЕ со став – седницата е театар, а новата коалиција – пазарење за спас на личните и партиски интереси. Ја повикаа Алтернатива, да им се приклучи за да се зајакне опозицискиот блок.

Од СДСМ пак реплицираа дека нивните опоненти немаат никаков капацитет и дека две и пол години зборуваат само за предвремени избори, без да водат сметка за интересите на граѓаните, во време на енергетска и економска криза.

Од Алијанса за Албанците, новиот владин партнер, ги прашаа од ВМРО-ДПМНЕ кој е нивниот концепт за борба против корупцијата.

И додека премиерот е оптимист дека повеќе од 64 пратеници ќе гласаат за неговиот предлог за реконструкција, сигнали за гласање против. Се поизвесно е дека повеќе од тројца пратеници од т.н. „Огнена група“ на ДУИ нема да го поддржат предлогот за реконструкција, а неизвесно е како ќе гласа и поранешниот пратеник на Алтернатива, сега независен-Скендер Реџепи кој најави оти ќе гласа само за разрешување на министерот за здравство Беким Сали, но не и за останатите двајца министри на Алтернатива. Против ќе гласаат и Павле Трајанов од Демократски Сојуз како и пратениците од Алтернатива.

За разрешување на министрите потребно е просто мнозинство од присутните пратеници.

 

Анита Димитријевска Велковска