Тетово

Тетовските пожарникари се вратија од Адијаман

14.02.2023 16:41

По седумдневна спасувачка мисија во турскиот град Адијаман, специјализираниот тим од ТППЕ Тетово се врати дома. Сликите оттаму се траорни, а акциите за да се спаси живот повеќе како што одминуваа деновите, се потешки. Тимот успеа да спаси жена под рушевините на една зграда, но нејзиното семејство не го преживеа земјотресот...

Жртви речиси под секоја урнатина, разурнат град, плач и пискот насекаде.

Траорните слики од градот Адијаман ќе ги носиме цел живот, раскажува командирот на ТППЕ Тетово Авни Амети, кој синоќа заедно со неговите колеги се вратија од седумдневната спасувачка мисија.

Ангажирани бевме 24 часа, без спиење, со малку одмор под шатори. Во целата трагедија која беше околу нас, спасивме жена под една урнатина.

Тетовските пожарникари заедно со струмичките беа во Адијаман, како специјализиран тим за справување со непогоди. Тие се и единствените обучени луѓе за вакви катастрофи. Живееме во трусно подрачје и државата треба многу повеќе да вложи во вакви тимови, вели командирот Амети.

Адијаман се наоѓа близу до границата со Сирија. Градот е целосно разурнат, а шансите за преживеани како што одминуваа деновите се сè помали.

 

 

 

Зоран Димовски