Традиционално закројување на лозјата
Со традиционално закројување на виновата лоза одбележан Свети Трифун, заштитникот на лозарите и чувар на лозјето. Домашното производство е стабилизирано, се зголемува и извозот...

Со желби за добра родна година, добри откупни цени и добри временски услови за одгледување и работа, лозарите си го честитаа Св. Трифун. Иако температурите утринава беа ниски, лозарите фамилијарно поранија на нивните имоти да го закројат лозјето.
Во Македонија има регистрирани 164 винарски визби, од кои 87 се семејни, а 77 се правни лица, регистрирани како производители на вино. Минатата година, вкупниот извоз на вино достигна рекордни 58 милиони евра, што е за девет милиони евра зголемување во однос на извозот од 2021 година.
Се најави и финансиска помош за малите семејни винарии ќе можат, преку грант од 10.000 евра, државна помош да инвестираат во своите бизниси, а дополнително, за прв пат се помагаат и малите дестилерии со грант од 5.000 евра. Министерот за земјоделие Љупчо Николовски најави и нов Закон за вино.
Регионот на Тиквеш, или македонската Тоскана, е најголемиот производител на грозје во земјава, каде околу три илјади лозари живеат од оваа култура.
Петар Печков
