Турција - Сирија

Урнати 47.000 згради, расте бројот на жртви во земјотресот во Турција и Сирија

15.02.2023 12:31

Старица е последната извлечена жива од урнатините, досега е потврдено дека загинале повеќе од 41.000 луѓе во двете земји, милиони останаа без дом на смрзнувачките температури...

Турскиот претседател Ердоган, повика да продолжат спасувачките напори повеќе од една недела по катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија.

Старица е последната извлечена жива од урнатините, досега е потврдено дека загинале повеќе од 41.000 луѓе во двете земји, милиони останаа без дом на смрзнувачките температури. Само во Турција има над 35.000 мртви, во најсмртоносниот земјотрес во земјата во изминатите 85 години.

„Се наоѓам во Рејханли, на границата меѓу Турција и Сирија. Само што натоваривме два камиони со лекови и материјали. Двата камиона ќе ги достават залихите до 170 објекти“, изјави Федерика Патон-Фонд за население на Обединетите нации.

Процената на штетите на зградите ќе биде завршена за една недела, а реконструкцијата би почнала во следните месеци. Над 2 милиона луѓе ги напуштиле погодените подрачја, а голем број згради се толку многу оштетени што ќе мора да се урнат.

Во Сирија, првите камиони со хуманитарна помош, влегоа во бунтовничкиот дел на земјата преку новоотворен граничен премин, што го договорија Обединетите нации и владата во Дамаск, кој ќе биде отворен во следните три месеци.

„Од првиот ден имавме околу 3.900 семејства погодени без никакво засолниште. 270 згради беа целосно уништени до темел, а околу 1.000 згради не се функционални. 3.900 семејства немаат засолниште. Сега сме во деветти ден, добиваме помош од локалните самоуправи на север и некои локални организации“, рече Махмуд Хафар-шеф на локалниот совет во Џиндерис.

„Очајно ни требаат шатори. Можеме да го издржиме студот, нема проблем, можеме да спиеме секаде без проблем, освен овие жени, деца и повредени кои ги извадивме од под урнатините“, изјави преживеан во земјотресот.

Според турските власти земјотресите биле со јачина на атомска бомба.

 

Марина Ристова