Стразбур

Утре Судот во Стразбур треба да ја објави одлуката за поништената аболиција на експретседателот Иванов

15.02.2023 12:47

Со одлуката по шест години, ќе се затвори прашањето дали обвинетите во четири случаи на СЈО, можат да одговараат кривично за дела со кои се опфатени во предметите за масовното прислушување „Таргет-Тврдина“, за изборни нерегуларности „Титаник“, за злоупотреба на превоз на ученици во Битола „Транспортер“, како и предметот за уривањето на објектот „Космос“ наречен „ТНТ“.

Утре во Стразбур ќе биде објавена одлуката на Европскиот суд за човекови права за аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, за предметите во кои се засегнати поранешните функционери од ВМРО-ДПМНЕ. Со ова, по шест години, ќе се затвори прашањето дали обвинетите во четири случаи на СЈО, можат да одговараат кривично за дела со кои се опфатени во предметите за масовното прислушување „Таргет-Тврдина“, за изборни нерегуларности „Титаник“, за злоупотреба на превоз на ученици во Битола „Транспортер“, како и предметот за уривањето на објектот „Космос“ наречен „ТНТ“.

Жалбата до Стразбур е поднесена во 2017, во која се посочува дека еднаш дадена аболиција не може да биде отповикана. Европскиот суд треба да даде одговор дали предметите на поранешно СЈО ќе преживеат и дека кривичното гонење било оправдано или ќе запрат и ќе се поништат повеќето предмети. Доколку обвинетите и осудените лица бидат прогласени за жртви, државата можеби ќе треба да им плати и обесштетување.