Османи на средба со претставници на бугарските клубови во Македонија
Македонските бугари побарале од шефот на дипломатијата Османи, заедно да посредуваат во смирување на тензиите. Утре истекува рокот од три месеци во кој бугарските здруженија треба да се усогласат со законските измени за здруженија и фондации. Во својот назив не можат да употребат имиња на контроверзни историски личности...

Во Министерството за надворешни работи се одржа средба на министерот Бујар Османи со претставници на здруженијата на Бугарската заедница во Македонија. Претставниците на здруженијата на бугарската заедница во Македонија, го информирале Османи за средбата со еврокомесарот Вархеји и со неколку политички групации во европскиот парламент. Посочиле дека ќе се обидат преку нивните политички истомисленици во Македонија, да се обидат да ги смират тензиите на релација Скопје-Софија и во една порелаксирана атмосфера да се спроведуваат одредбите од Спогодбата во 2017 и од т.н. француски предлог за Македонија.
Според најавите, името на клубот „Ванчо Михајлов“ нема да се менува и дека правдата ќе ја бараат пред меѓународните судови. Бугарското здружение „Цар Борис Трети“ од Охрид ќе си го смени името, за што веќе поднесе барање до Централен регистар за усогласување со измените во Законот за здруженија и фондации. Истекува рокот од три месеци во кој бугарските здруженија требаше да се усогласат со Законот за здруженија и фондации, ако сакаат да продолжат со работа, здруженијата не смеат да користат имиња на контроверзни историски личности.
Минатото лето, Јавното обвинителство по допрен глас оформи предмет за регистрацијата на здружението „Цар Борис Трети“, а претходно по кривична пријава од политичка партија и предмет за регистрацијата на „Иван Михајлов“. Не се знае во која фаза е оваа постапка, освен дека се обезбедува документација и се вршат проверки, поврзани со регистрацијата на здруженијата. Имињата на клубовите кои во македонската јавност беа доживеани како провокации и негирање на посебноста на македонскиот народ, резултираа со неколку инциденти кои официјална Софија ги претстави како докази за дискриминација и повреда на правата на Бугарите во земјава.
Игор Панов
