куманово

За студентите од приватните факултети нема бесплатен превоз

15.02.2023 14:37

Претставки до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, поднесоа студентите од приватните факултети, кои немаат право на бесплатен јавен градски превоз. Овие студенти како и нивните колеги од државните, аплицираат за студентска стипендија и субвенциониран оброк, но немаат превоз. Појаснуваат дека се образуваат во приватна установа, но голем дел од нив се со стипендии и доаѓаат од работнички семејства...

Студентите од приватните факултети немаат бесплатен јавен градски превоз во Скопје, како нивните колеги од државните факултети. Тие можат да аплицираат за студентска стипендија и оброк, но не и за градски превоз. За проблемот и како што велат дискриминацијата со којашто се соочуваат, го известиле Министерството за образование и наука, но засега наишле само на молк. Побарале, но не добиле средба ниту со заменикот на народниот правобранител. Последната можност ја гледаат во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, каде што веќе доставиле претставки.

„Две претставки, МОН не доделува средства одвојува само за студентите од државните универзитети врз основа на што подоцна Град Скопје донесува одлуки и има правно дејство“, нагласува Мила Петрушевска, претседателка на Универзитетско студентско собрание на Американскиот универзитет на Европа-ФОН.

„Уставниот суд во 2017 година донесе одлука со кое се изјасни дека нема уставност на одлуката во која се изземени студентите на приватните факултети, но за жал со таа одлука не можевме да направиме ништо“, истакна Филип Трајковски, претседател на УСС на Американ колеџ.

Студентите од приватните факултети појаснуваат дека меѓу нив има поголем број на стипендисти, деца кои доаѓаат од работнички семејства и затоа не треба да се прават класни поделби.

„Јас како студент на приватен факултет доаѓам до работничка класа семејство во Куманово. Сум стипендист на тој факултет, немам лични примања, така што можам да ги побијат тие споредби што се прават“, дополнува Трајковски.

Од Министерството за образование и наука побараме, но не добивме одговор за овој проблем.

 

Елена Георгиевска