плати

Здравствените работници останаа без јануарската плата

15.02.2023 15:13

Од Синдикатот на Клинички, велат добиле ветување од Фондот за здравство дека платата ќе им биде исплатена до понеделник...

Здравствените работници останаа без јануарската плата иако измина законскиот рок за исплата до 15-ти во месецот. Од Синдикатот на клинички велат, добиле ветување од Фондот за здравство дека платата ќе им биде исплатена до понеделник. Била изнајмена приватна фирма – личниот доход на здравствените работници и боледувањата се изработуваат рачно, вели претседателот на синдикатот, Горан Беговиќ за МТВ. Додава дека ќе почекаат до понеделник, доколку платата не се исплати до крајот на работното време, одборот ќе реши какви мерки ќе се преземат.

Додека се чека да профункционира системот на Фондот, матичните лекари не можат да пријават нови пациенти. Апелираат за побрзо надминување на проблемот.

„Матичните лекари се соочуваат со проблеми во однос на пријавување на нови пациенти кои сакаат да се запишат од кај колеги коишто се пензионирале или починале и бебиња кои се новородени. А во делот на упати, рецепти и прегледи функционираме беспрекорно. Немаме некои поголеми тешкотии, а овие луѓе кои деновиве не можеме да ги запишеме им отворавме картони во хартиениот дел, запишувавме, се јавувавме во аптеките некако да се услужат, па кога ова ќе се среди ретроградно ќе ги внесеме податоците“, изјави д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател на Здружение на матични лекари.

Десетти ден системот на Фондот за здравство е под хакерски напад. Граѓаните стравуваат за личните податоци, од Фондот вчера уверуваа дека се работи на отстранување на проблемот и дека во следните денови системот постепено ќе се врати во функција. Смируваат дека при кибер-нападот нема излевање на податоци, надвор од базите на Фондот.

 

Андријана Ѓурческа