Култура

ОФФест откажан, незадоволните од конкурсот да поднесат жалба

15.02.2023 15:16

По рекакциите за конкурсот за финансирање проекти од национален интерес министерката за култура ги повика сите незадоволни да поденсат жалба. Вели, буџетот е намален, комисијата најсоодветно постапила при распределбата на средствата. Костадиновска – Стојчевска негира дека партиската припадност имала влијание при носењето на одлуките...

„ОФФест“ годинава нема да се одржи. Скопскиот џез фестивал соопшти дека нема да го организира настанот зашто со Годишниот конкурс за поддршка на проекти од национален интерес во културата, добиле едвај половина од минатогодишната сума.

„Немаме намера да поднесуваме жалба до второстепената комисија и да се изложуваме на натамошни понижувања, кои и со поддршката често ги имавме со Министерството за култура во изминатите години. Лани вложивме жалба на 1-ви март, ОФФест се одржа на почетокот на јуни, а одговор на жалбата (се разбира негативен) добивме на 19 септември. Од третманот на актуелната министерка за култура веројатно не треба да бидеме изненадени, особено ако ја имаме на ум нејзината изјава дека културните проекти во иднина ќе мора да водат повеќе сметка за својот „забавен карактер“, рекоа организаторите.

Министерката, пак, остана на ставот дека сите незадоволни од конкурсот имаат право да поднесат жалба.

Конкурсот предизвика лавини негативни реакции, и од оние кои не добиле пари, и поради информацијата дека се одобрени 300 илјади денари за концерт на Цветанка Ласкова. Костадиновска – Стојчевска негира дека партиската припадност имала влијание при носењето на одлуките за финансирање. Жестока реакција имаше и од Друштвото на писателите на Македонија поради тоа што не биле поддржани врвни автори и нивните најнови дела.

 

Александра Спировска