Исчезнуваат старите занаети на врвните дуќанџии
Од година во година се зголемува листата на стари занаети кој повеќе не егзистираат во една од најопеаните стари чаршии на Балканот. Наследници нема, а и она што како занает е присутно е благодарение на ентузијазмот на занаетчиите кој длабоко навлегле во третата доба од животот...

Уште песната остана да сведочи за славата на некогаш со векови најмоќниот занаетчиски центар на Балканот. И оние малку преостанати стари занаети во старата битолска чаршија ги има благодарение на ентузијазмот на занаетчиите кој длабоко навлегле во третата доба од животот. 85 годишниот кројач Душан Павловски зад себе има половина век стаж. Вели има работа но нема интерес кај младите. Со потиштен глас кажува дека не памети да имало толку спуштени ќепенци.
Листата на занаети кои изумираат секоја година се зголемува. Ковачи, лимари чевлари, јорганџии, леблебеџии речиси и да нема или драстично се намалени. Од Регионалната занаетчиска комора проблемите ги гледаат во немањето на наследници индустријализацијата, а последниве години свој придонес имаат и здравствените и економските кризи.
Од Регионалната занаетчиска комора велат засега најмногу ги има услужните дејности како кројачи фризери и слично. За повторно заживување на дуќаните велат потребна е издржана државна стратегија. Без неа останува само да се тешиме со минатото за една од најопеаните стари чаршии.
Стевче Митревски
