Струга започна со хуман третман на бездомните кучиња во градот
Од општината велат за решавање на проблемот потребни се измени во законот, грижата за уличните кучиња да ја преземе Агенцијата за храна и ветеринарство...

Во Струга конечно започна акција за заловување и третман на бездомните кучиња во градот. Зафатот го реализираат овластени лица од ветеринарна клиника од Куманово.
Досега се третирани десетина кучиња, а за оваа намена издвоени се 600.000 денари.
„Заловени се одреден број на кучиња, имаме и фотографии од нивниот третман, маркирани се со обетка и микрочип и очекуваме по нивно закрепнување да се вратат назад на истата локација“, вели Митко Коркутоски раководител на комунален инспекторат Струга.
Според слободните проценки во струшко има стотици улични кучиња, а овој зафат нема да донесе решение на проблемот. Потребни се измени во законот и изградба на соодветен стационар.
„Сè да се префрли на Агенцијата за храна и ветеринарство и преку надлежните инспекциски служби да се врши поголема контрола и на размножувањето на кучињата, чипирањето и едноставно државата да ја има главната улога во таа постапка“, додава Коркутоски.
Општината побара од полицијата, засилени контроли на влезните точки во градот, да се проверуваат возилата за кои постои сомнение дека носат бездомни кучиња од другите градови.
Соња Рилковска
