Филе: Три приоритети за Србија на патот кон ЕУ

05.05.2014 11:39

Филе е вториот висок европски преставник кој доаѓа во посета на Белград по формирањето на новата српска влада...

Еврокомесарот за проширување Штефан Филе денеска во Белград изјавил дека Брисел го поддржува европскиот пат на Србија и нагласил дека на овој пат важни се три главни приоритети - економското опоравување на земјата и реформите, владеењето на правото и нормализацијата на односите до Приштина, пренесува Танјуг.

„Пред неколку дена ја одбележавме десетгодишнината од најголемото проширување на ЕУ. Европските интеграции на Србија во 2004 -та изгледаа како далечна иднина, а денес се очигледна извесност. Уверен сум дека Србија има  способност оваа можност да ја претвори во реалност“, нагласил Филе.

Српскиот претседател Томислав Николиќ истакнал дека Филе е човек кој за време на својот мандат ја променил сликата за Србија и дека цело време јасно ја изразувал својата посветеност и поддршка во тоа Србија да стане членка на ЕУ.

„Не очекувам ЕУ да го сопре она што Србија го постигна во европските интеграции. Персоналните решенија се на ЕУ, а исполнувањето на обврските се наша одговорност“, порачал Николиќ.

Филе е вториот висок европски преставник кој доаѓа во посета на Белград по формирањето на новата српска влада, откако минатата недела ова го стори и Шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон.