ТУРЦИЈА – СИРИЈА

Продолжува потрагата по преживеани во земјотресите, хуманитарна помош за настраданите

16.02.2023 13:31

Десет дена по разорниот земјотрес сè уште се извлекуваат преживеани под урнатините. Стигнува хуманитарна помош за настраданите. По природната катастрофа, меѓународните фактори со охрабрување до Турција и Сирија да се надминат поделбите, со резолуција да останат отворени границите...

Природната катастрофа во Турција и во Сирија, геополитичко чувствително подрачје, отвора нови можности на светската хуманост. САД ги охрабри страните да ги надминат поделбите, а Обединетите нации да издејствуваат резолуција со која ќе останат отворени граничните премини во Сирија.

„Веруваме дека најефективниот начин со кој ќе се осигураме дека овие контролни пунктови нема да бидат затворени со промена на мислењето на режимот на Асад или на кој било во Сирија, е да се кодифицираат овие гранични премини во резолуција на Советот за безбедност на Обединетите Нации. Во меѓувреме, го следиме протокот на помошта низ овие контролни пунктови“, изјави Нед Прајс, портпарол на Стејт департментот.

Повеќевековните непријатели Турција и Ерменија ја подадоа раката на пријателството. Ерменскиот тим за спасување извлече под урнатините 28 луѓе и испрати 100 тони хуманитарна помош преку ерменско-турската граница која беше затворена 30 години.

„Разговаравме за тоа кои чекори можеме да ги преземеме во процесот на нормализација. Еден од нив е реконструкција на историскиот мост на патот на свилата“, истакна Мевлут Чавушоглу, министер за надворешни работи на Турција.

„Слични природни катастрофи и нивниот обем се протегаат надвор од границите на државите, станувајќи универзални трагедии, а светот треба да работи заедно како обединет фронтизјави Арарат Мирзојан, министер за надворешни работи на Ерменија.

Меѓународната заедница се залага за навремена помош на настраданите во земјотресите и спречување посериозна хуманитарна катастрофа. Државите од НАТО, како и Финска и Шведска, доставуваат помош на Турција, која се спротивставува на членството на Стокхолм во Алијансата. Генералниот секретар во Турција ја потврди поддршката за земјата по разорниот земјотрес. Столтенберг потсети и на планот за проширувањето на НАТО.

„Двата пристапни протоколи треба да бидат ратификувани од сите сојузници, но на крајот на денот Турција ќе реши, дали ќе ратификува еден или и двата пртокола“, истакна Јенс Столтенберг, Генерален секретар на НАТО.

Десет дена од разорниот земјотрес што ги погоди Турција и Сирија и натаму се извлекуваат преживеаните.

 

Маријана Димовска