Општина Штип ги награди пожарникарите од спасувачката мисија во Турција
Професионално ја извршивме задачата во најпогодениот регион во Турција. Затекнавме стравотни глетки и за жал најголем дел од луѓето кои ги извлековме беа мртви, велат штипските пожарникари кои утринава се вратија дома. За седум дена заедно со македонските и турските колеги извлекле педесетина жртви, од кои само една жена била жива...

Петмината пожарникари од Штип кои беа дел од втората спасувачка мисија во Адијаман, Турција, утринава се вратија. Нивниот ангажман бил извлекување на жртвите од една деветокатница.
Само една жена извлековме жива од урнатините, вели командирот на ТТПЕ Штип, Дарко Коцев, останатите педесетина кои ги најдовме беа мртви.
Во знак на благодарност за учеството во спасувачката мисија, градоначалникот приреди прием и ги награди со по една просечна плата.
Славица Величковска
