Скопје

Ковачевски: Грижата за најмалите ја покажуваме со дела-за пет години изградени 76 детски градинки

16.02.2023 16:42

Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и директорот на Канцеларијата на Светска Банка за Северна Македонија и Косово, Масимилиано Паолучи, присуствуваше на отворањето на новата детска градинка „Сонце“ во населбата Волково, општина Ѓорче Петров...

Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и директорот на Канцеларијата на Светска Банка за Северна Македонија и Косово, Масимилиано Паолучи, присуствуваше на отворањето на новата детска градинка „Сонце“ во населбата Волково, општина Ѓорче Петров.

Со изградбата на објектот, децата до шест години од Волково, добиваат пристап до квалитетна социјална услуга за ран детски развој во нова градинка, која за првпат е изградена во ова населено место.

„Изградивме уште еден објект, уште една градинка, која, верувам, ќе донесе многу детски насмевки. Со новата градинка „Сонце“, решаваме еден повеќедецениски проблем за граѓаните од овој дел на градот. Градинката во Волково е изградена според современи стандарди и има капацитет за згрижување на 150 деца. Грижата за нашите деца се наш врвен приоритет. Обезбедуваме континуитет во зацртаното со реализација на нови градинки или доградување на постоечките. Од 2017 година до денес, отворивме 75 градинки со опфат од 5.500 деца, а заедно со оваа, нова градинка, тој број го заокружуваме на вкупно 76, со што се згрижени 5.650 деца“, потенцираше премиерот Ковачевски во своето обраќање пред присутните, заблагодарувајќи се на поддршката од Светската банка во реализацијата на изградба на градинката.

Набројувајќи ги мерките на Владата, премиерот потенцираше дека платите на вработените во јавните установи за предучилишно воспитание и образование во изминатиот период се покачени и најави ново покачување.

Во изградбата и опремувањето на градинката се вложени близу 103 милиони денари. Ова е деветта од вкупно 16 градинки кои се предвидени со Компонента 2 од Проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика, со поддршка од Светска Банка.

„Инвестирањето во предучилишното образование и раниот детски развој носи големи придобивки за децата и општеството во целина. Вложените четири долари денес, се враќаат како 16 долари во иднина. Инвестирањето јавни средства со цел да им се овозможи на децата пристап до стимулирачка, ангажирана, инклузивна и забавна средина за учење, значи добро потрошени пари на даночните обврзници“, рече Масимилиано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светска Банка за Северна Македонија и Косово.