Уапсени четири лица од екстремната десница по синоќешните немири и закани кон Вучиќ
Протести и апсења во Белград, смртни закани за Вучиќ, ниту тој ниту демонстрантите не се откажуваат од Косово. Српскиот претседател вели дека е ориентиран кон интересите на сопствената држава...

Безбедносните служби денес уапсија четири лица за кривичното дело повикување на насилната промена на уставниот поредок, додека за кривичното дело недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и распрскувачки материи се товари едно лице, кое вчера беше приведено со карабин, оптички нишан и муниција со цел да го убие претседателот Александар Вучиќ.
Меѓу уапсените е уредникот на Србија Инфо, Дејан Златановиќ кој на протестите на екстремистите му порача на Вучиќ „Кој потпише, него ќе го убијат“, како и организаторот Дамјан Кнежевиќ лидер на Народните патроли, блиски до руската платеничка воена групација Вагнер.
Ова е епилогот по синоќешните протести на екстремистите и проруските десничарски партии пред претседателската палата во Белград, во која беше и самиот Вучиќ, кон кого беа упатени закани за убиство поради предавство на Косово.
Тој синоќа изјави дека овие екстремистички групи биле поддржани од 4 парламентарни партии и дека се било планирано подолго време.
„Не знам дали се проруски, но знам дека се антисрпски. За да сакаш некој друг, претпоставувам дека е нормално прво да си го сакаш својот народ, а не да се фалиш со врските со некој друг, работејќи против својот народ и земја. Имаме многу длабоки емоции кон Русија и рускиот народ, ние сме единствените кои не воведоа санкции. Не ми треба некој од Вагнер да ме тапка по рамо и да ми објаснува што смеам и што можам да работам“, изјави Александар Вучиќ, претседател на Србија.
Државниот врв излезе со остри реакции, меѓу кои и премиерката Ана Брнабиќ со оценка дека „се газело српското знаме, повикувајќи се на друга држава“ и шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ, со порака дека вчера имало „обид за државен удар“.
Оливер Бранковиќ
