Куманово

Четири дена без струја дуќанџии од Куманово

16.02.2023 17:14

Четири дена без струја се дуќанџии од мини молот во Куманово. Овие лица останале без струја поради проблем со канализациската мрежа во еден од становите над нив. Станбениот управител не може да го реши проблемот бидејќи деловните простории не се под нивна надлежност. Од ЕВН им бараат да потпишат дека можеби ќе треба на сопствен трошок да ги заменат броилата...

Дуќанџии на осумнаесет објекти од мини молот во Куманово веќе четири дена се без струја. Без електрична енергија останале откако настанал проблем со канализациска мрежа во еден од становите над нив. Реагирале до надлежните служби, дефектот во мрежата бил саниран од станбениот управител. Појаснуваат дека на средбата во ЕВН им укажале да потпишат согласност дека можеби на свој трошок ќе треба да ги менуваат броилата. Велат повеќето од нас објектите ги користиме под наем, а веќе четири дена не работиме.

„Ние немаме одговорност, не сме криви, ние сме во штета, четири дена не работиме, вели Ридван Селими“, сопственик на дуќан.

Од фирмата која управува со објектот но само со станбените единици, а не и деловните, појаснуваат дека веднаш реагирале и е отстранет дефектот со канализациската мрежа. Информиран е и инспекторатот за домување кој излегол на терен.

„Доставено е и барање до ЕВН, писмено да одговори за процедура за повторно пуштање на електрична енергија. Нагласуваме дека се работи за дефект од поголем размер, со кој се опфатени деловни простории со кои немаме склучено договори“, велат од фирмата управител.

Општинскиот инспекторат за домување наложил да се контактира сопственикот на станот и да се изврши вештачење. Но и деловните простории кои припаѓаат на зградата да учествуваат во наплата за тековно одржување и резервен фонд.

Од ЕВН пак информираат дека во мерниот ормар има вода. За да можат да се приклучат лицата повторно во мрежата, треба да ја проверат внатрешната инсталација и да обезбедат потврдат дека е исправна.

 

 

 

Елена Георгиевска