Приштина: Гласање за формирање на косовска армија

05.05.2014 11:55

Косовскиот парламент на денешната седница ќе гласа за формирање на Вооружени сили на Косово. За властите во Приштина тоа претставува „неопходност“, а српските пратеници се изјаснија против таквиот чекор и најавија дека нема да учествуваат на седницата на која ќе се гласа за формирање на косовската армија, соопшти независниот пратеник Миливое Стојановиќ.

Тој изјави дека ниту една земја од регионот не му се заканува на Косово, а безбедноста на земјата е гарантирана од силите на НАТО -КФОР и мисијата на Европската унија - ЕУЛЕКС.

Стојановиќ го повика премиерот Хашим Тачи од дневниот ред на Парламентот да го повлече владиниот предлог за измени во Уставот и на предлог законот за трансформирање на Силите за безбедност на Косово во Вооружени сили на Косово.

Пратеникот подвлече дека вооружените сили се скапа инвестиција и затоа многу подобро е Владата парите наменети за армијата да ги употреби за решавање на социјално-економските и другите актуелни проблеми во Косово.

Претходно претседателката на Косово, Атифете Јахјага истакна дека формирањето на Вооружените сили на Косово е „неопходност“ и опција за која нема алтернатива. „Како и во секоја демократија така и кај нас тој процес не може да помине без спротивставени ставови“, истакна Јахјага.

За усвојување на оваа уставна промена неопходно е двотретинско мнозинство на пратениците во косовскиот парламент како и двотретинско мнозинство на пратениците од малцинските заедници.