Киев: Напади од повеќе правци, се подготвуваат нови офанзиви
Киев тврди, напади се вршат од повеќе правци, се подготвуваат нови офанзиви, а оружјето е единствениот јазик кој го разбира Русија. Бахмут и натаму меѓу главните жаришта на фронтот. Потпретседателката на украинската Влада, Верешчук, ги повика цивилите веднаш да се евакуираат...

Киев тврди-напади се вршат од повеќе правци, се подготвуваат нови офанзиви, а оружјето е единствениот јазик кој го разбира Русија. Бахмут и натаму меѓу главните жаришта на фронтот. Потпретседателката на украинската Влада, Верешчук, ги повика цивилите веднаш да се евакуираат.
„Дефинитивно ја менуваат тактиката. Се базира на исцрпени ресурси, истрошени проектили. Ги користат старите од Советкиот Сојуз, бидејќи имаат малку високопрецизни проектили. Русија сака да изведе масовен напад, директен судир“, изјави Михајло Подолјак- советник на украинскиот претседател.
Заменичката на американскиот државен секретар Нуланд, пак, порача – Вашингтон ги поддржува украинските напади врз воените објекти на Крим, тие се легитимна цел, Москва со осуда за изјавата.
„Повторно сме сведоци на мешањето на САД во конфликтот во Украина. Вашингтон му забрани на режимот на Киев да преговара со Москва, продолжувајќи го судирот со Русија. Сега американските воени подбуцнувачи, отидоа и подалеку, го провоцираат режимот во Киев да ја префрли војната во нашата земја“, изјави Марија Захарова - портпарол на руското МНР.
Рускиот претседател потврди дека се зголемува бројот на негови сограѓани коишто сакаат да посвојат деца од анектираните региони. Барања се поднесуваат за Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје. Четирите региони беа соединети со Русија во септември.
„Трагедијата што се случува во Донбас, ги засега и младите деца, за жал, тоа е реалноста осум години додека траеше директната агресија против нашиот народ“, изјави Владимир Путин- Претседател на Русија.
НАТО смета дека судирот може да биде долготраен и побара Алијансата да се подготви и за такво сценарио, во меѓувреме, продолжува размената на затвореници, досега двете страни си предале над 200 војници. Европската комисија, се откажа од санкциите за рускиот нуклеарен сектор во наредниот пакет санкции. Белорускиот претседател Лукашенко, наведе дека неговата земја ќе се бори само во случај на агресија на домашен терен.
Маја С. Филдишев
