Титулата на дофат, но за кого?
Кон фудбалскиот рај итаат Работнички, Хоризонт и Металург.Вардар и Пелистер останаа во вчерашното „чистилиште“.

Утешната награда за досега направеното ќе ја бараат во излезот во Европа. Погледите на јавноста се фокусирани на триото со шампионски амбиции. Дали Работнички четврти пат во клубската историја ќе го приграби пехарот, дали можеби Хоризонт или Металург ќе биде новото име на листата на славодобитниците во македонскиот фудбал? Сите три средини очајнички посакуваат и се надеват дека 18 мај кога првенствената претстава завршува, ќе е ден за клубската историја.Чии шанси за титулата во моментов се најголеми?
Работнички во пресрет на последните две кола ја има судбината во свои раце. Двата бода предност на табелата го ставаат во „привилегирана“ ситуација.Со победи над Еуромилк дома и со бод на гостувањето во Турново „романтиката“ одново ќе завладее на македонското фудбалско небо.Тимската зрелост го краси Работнички во овие пресудни моменти,но ќе успее ли да ја задржи победничката кондиција, знаејќи дека задутре ќе мора да истрча и во финалето од Купот против Металург!
Хоризонт во моментов е во најсилната првенствена матица. Плива одлично. Зад себе ги остави Металург и Пелистер, но следи најтешкото:гостувањето во Скопке против Вардар и веројатно пресуднит меч дома против Работнички. Според се европскиот хоризонт им е одново ширум отворен, но амбициите на Турновци се во моментов поголеми.
Металург не може да го прежали минатонеделниот кикс на Железарница против Хоризонт! Сепак успеа да се крене вчера на жешкиот терен во Штип.Последната сериозна бариера пред „металурзите“ ќе е Шкендија во Скопје, за која теоретски се вратија шансите за излез во Европа , а завршното одработување за Металург во последното коло ќе е во Ѓорче Петров. Дополнителната голема обврска е финалето на Купот. Металург ќе игра и ќе се надева дека распоредот на ѕвездите над Автокоманда ќе имаат поинаков распоред. За ралика од претходните три години кога дострелите им беа вицешампионски.
Македонска фудбалска сага, никогаш толку возбудлива!
