Здравство

Хакерскиот напад го парализираше здравството

17.02.2023 14:37

Од Фондот за здравствено осигурување ги демантираат наводите дека податоците на граѓаните се украдени. При кибер-нападот немало излевање на податоци надвор од базите . Сепак, од Фондот велат дека на експертските тимови им е потребно повеќе време за надминување на штетите од хакерскиот нападот. МВР врши истрага, но Спасовски апелира на преземање превентивни мерки...

Дел од лекарите од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, утринската пауза ја искористија да се соберат и да упатат порака до надлежните што поскоро да ја исплатат јануарската плата. Револтирани сè што сите информации ги добиваат од медиумите, а не од претпоставените. Ниту некој од надлежните објаснил за што станува збор, велат медицинските работници.

Синдикатите на здравствените работници со став, ако во понеделник не биде пуштена плата, ќе излезат на протест. Од Фондот за здравство смируваат дека наредната недела ќе им бидат пуштени парите. Но, оттаму признаваат дека за надминување на последиците од големиот хакерски напад, на што работат и домашни и странски тимови, ќе биде потребно повеќе време.

Личните и здравствените податоци на граѓаните не се украдени, смируваат од Фондот за здравствено осигурување. Тие преку соопштение информираа дека податоците се безбедни и дека експерти работат на рестартирање на системот.

Полицијата има отворено истрага за хакерскиот напад, но министерот Спасовски предупреди дека мора да се инвестира во системите на заштита. Пред две недели електронскиот систем на ФЗОМ престана да функционира. Оттогаш и пациентите се соочуваат со сериозни проблеми.

Засега Фондот со јавноста комуницира исклучиво преку соопштенија.

 

Наташа Јанчиќ Менковски