Фармацевти

Поради паднатиот систем на ФЗОМ, пациентите може да останат без лекови или да земаат на приватно

17.02.2023 14:47

Поради хакираниот систем на ФЗОМ, пациентите може да останат без лекови, предупредуваат од фармацевтската комора, граѓаните принудени лековите да ги купат приватно...

Пациенти може да останат и до три дена без лекови поради состојбата со паднатиот систем во Фондот за здравствено осигурување, предупреди Фармацевтската комора. По добиените насоки како да постапуваат, од Комората велат дека многу време се губи за проверка на осигурувањето, додека луѓето во аптека чекаат да си го земат лекот на рецепт.

„Во случаи на акутните рецепти, осигуреникот треба да чека до 24 часа, за да се провери осигурувањето и да се добие повратен одговор од Фондот за здравствено осигурување што може да резултира со животозагрозувачки последици по пациентот. Во случаи на хроничните рецепти осигуреникот треба да чека до три дена, за да се провери осигурувањето и да се добие повратен одговор од Фондот“, велат од Комората.

Граѓаните коишто немаат трпение да чекаат да поминат проверките, одлучуваат лековите да ги купат приватно, но укажуваат и на друг проблем, дека најчесто терапијата, којашто треба да ги примаат повеќе месеци или години, не е на позитивната листа, па мора да плаќаат илјадници денари за да дојдат до лек.

Фондот за здравство, поради блокираните податоци на осигурениците, испрати препораки до аптеките и амбулантите како да се надминат проблемите предизвикани од сајбер нападот.

 

Анита Димитријевска Велковска