Ќе продолжи ли реконструкцијата на кумановскиот театар?!
Министерството за култура во годишната програма не одвои средства за третата фаза од реконструкцијата на кумановскиот театар. Незадоволни од одлуката со соопштение излегоа актерите од „Театар Куманово“. Прашуваат зошто по ветувањата дадени во 2020 година, запре санацијата на оваа културна установа. Директорот на установата пак оптимист, средствата ќе се обезбедат преку Влада...

Актерите од кумановскиот театар незадоволни од одлуката на Министерството за култура, годинава да не одвои средства за реконструкција на установата. Прашуваат зошто по целосно завршените две фази, нема да започне и третата, која предвидува реновирање на кровната конструкција. Тие претходно укажуваа дека работат во целосно нефункционален, дотраен објект. Кумановскиот театар годинава слави и 75 години постоење.
„Ние, актерите од ансамблот и сите останати вработени го изразуваме своето разочарување од игнорантскиот однос од Министерството кон нашиот театар, и укажуваме дека не сакаме и нема да дозволиме да бидеме сведоци на тивкото згаснување на театар, кој се бори да опстане цели 75 години, во континуирано неповолни услови“-велат кумановските актери.
Директорот на установата, Тодоровски потврдува дека во годишната програма за култура, не се предвидени средства за реконструкција на „Театар Куманово“. Тој уверува дека финансиите ќе се обезбедат преку Влада.
„Средства за продолжување на реконструкцијата на Театар, бидејќи сме влезени во владината програма од таму доаѓаат тие финансиски средства. Ни кажаа дека на следната седница на Влада се обезбедени средства за трета фаза реконструкција не знаеме уште колку, но сигурно ќе продолжи и ќе се реализира“, истакна Сашо Тодоровски, директор на НУЦК „Трајко Прокопиев“ и „Театар Куманово“.
Поради реконструкцијата на театарот, актерите во моментов работат во Центарот за култура. И покрај недоволни услови за работа, годишно остваруваат по неколку премиери. Театар Куманово функционираше и за време на ковид пандемијата. Објектот на кумановскиот театар е изграден во 60-те години, а од тогаш само неколкупати бил реновиран.
Елена Георгиевска
