Минхен

Украина, главна тема на Минхенската безбедносна конференција

17.02.2023 18:16

Една година по руската инвазија, војната во Украина е топ тема на Минхенската безбедносна конференција. Западните лидери ја потврдуваат нивната посветеност да и помагаат на земјата да се одбрани од агресијата. Претставници на Москва не се поканети на собирот...

Во Минхен почна 59. Минхенска безбедносна конференција. Учествуваат голем број меѓународни претставници, шефови на држави и влади и претставници на меѓународни организации и граѓанското општество. Теми на средбата се предизвиците на надворешната и безбедносната политика, со акцент на руско-украинскиот конфликт.

„На 20-ти февруари 2022 година, Минхенската безбедносна конференција минатата година беше затворена. Се надевавме дека Владимир Путин ќе биде импресиониран од единството што меѓународната заедница го демонстрира овде на Конференцијата за безбедност во Минхен. Сите знаеме што се случи. Владимир Путин изврши прекршување на цивилизацијата“, изјави Кристоф Хојсген, претседавач на Минхенската безбедносна конференција.

Меѓу говорниците, германскиот канцелар Шолц, францускиот претседател Макрон, претседателот на Европскиот совет Мишел, Бил Гејтс.

„Со голема жртва и со апсолутно импресивна решителност, Украинците ја бранат својата слобода. И ние ги поддржуваме во тоа, опширно и онолку долго колку што е потребно“, изјави Олаф Шолц, германски канцелар.

„Ние сме подготвени да се интензивираме денес. Затоа што наредните недели и месеци ќе бидат одлучувачки и ние сме подготвени за продолжен конфликт“, изјави Емануел Макрон, француски претседател.

„Тој (рускиот претседател Владимир Путин) дефинитивно ќе падне веќе оваа година. Можеме да го направиме тоа сите заедно, исто како што направи Давид (од библиската приказна Давид и Голијат). Можеме да се погрижиме да нема алтернатива за нашата победа. Но, тогаш не треба да има алтернатива на нашата решеност“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Годинава на конференцијата не се поканети руски претставници. Ниту претставници на Иран, конференцијата ќе се одржува до 19-ти февруари.

Пред конференцијата, логистички предизвици поради штрајк на германските аеродроми.

Седум големи аеродроми во Германија се во застој откако стотици вработени стапија во штрајк за плати.

Многу делегати беа советувани да дојдат со воз.

 

 

Марина Ристова