Со меѓународна соработка до глобална безбедност
Меѓународна соработка и обединетост е единствениот начин да се осигура глобалната безбедност, истакна премирот Ковачевски.Тој ја предводи владината делегација во Михен каде што се одржува 59-та безбедносна конференција...

Целосната меѓународна соработка и обединетост е единствениот начин да се обезбеди глобалната безбедност – истакна премиерот Ковачевски за време на Минхенската безбедносна конференција.
„Ние овде имаме навистина многу јасен став во однос на нашата надворешна политика и во однос на тоа дека не постои алтернатива на меѓународната соработка во однос на клучните безбедносни прашања“, вели премиерот.
„Северна Македонија е земја која учествува во мировните мисии на НАТО, меѓутоа и на Обединетите Нации и истовремено ние сме земја која претседава со ОБСЕ и како што кажува и мотото на нашето претседателство, а тоа е дека сме свртени кон луѓето и кон заштитата на сигурноста и безбедноста на луѓето, тоа се гледа и од нашите приоритети, каде што клучен приоритет е Украина како и сите области каде што постои можност за унапредување на мирот и безбедноста“, истакна Ковачевски.
Енергетската и сајбер безбедноста, заштитата од хакерските напади како и унапредување на регионалната соработка – се теми во фокусот на Минхенската конференција.
Премиерот Ковачевски имаше билатерална средба со претседателот на Србија, Вучиќ. На состанокот беа споделени заложбите на двете држави за промовирање на регионална безбедност и развој на демократските општества за стабилен и просперитетен регион. Двајцата соговорници го поздравија ратификувањето на договорите кои произлегуваат од Отворен Балкан.
Во рамките на Минхенската конференција Ковачевски заедно со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, се сретнаа со премиерката на Естонија, Каја Калас. Премиерот ја потенцираше посветеноста на Владата на скрининг процесот како и заложбата за единство на сите политички и општествени чинители во земјава за членство во Европската Унија. Ковачевски оствари средба и со претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто.
Марина С. Тонева
