Охрид

План за заштита и управување на изворите кај Свети Наум

18.02.2023 14:15

За прв пат се врши инвенторизација на биодиверзитетот и екосистемот на изворите во Свети Наум. Целта на овој попис е да се добијат нови релевантни податоци за состојбата на природното наследство, а потоа ќе биде изработен посебен план за заштита и управување на строго заштитениот комплекс...

За прв пат се врши инвенторизација на биодиверзитетот и екосистемот на изворите во Свети Наум. Целта на овој попис е да се добијат нови релевантни податоци за состојбата на природното наследство.

Проектот е на Унеско, а го спроведува Националниот парк „Галичица“, при што за прв пат ќе биде изработен посебен план за заштита и управување со комплексот на изворите во Свети Наум.

„Тоа е новина и нешто непознато за заштитените подрачја на територијата на С. Македонија. И јавната установа со свои сопствени ресурси со активно учество на вработените изработи работна верзија на овој посебен план“, вели Сања Рилкоска, член на Комисијата за Светско наследство.

Изворите на Свети Наум се едни од најмистичните и најубавите места од каде се напојува Охридското езеро. Тие се строго заштитена зона и ретка природна убавина, токму затоа е потребна поголема заштита.

„Ќе се добие еден навистина квалитетен документ кој би бил пример за тоа како може одредени значителни подрачја во рамките на заштитените подрачја посебно да се управуваат посебно да се третираат и со тоа заштитата да се подигне на едно повисоко ниво“, додава Рилкоска.

Кај Свети Наум има 15 крајбрежни извори и 30 подводни извори. Локалитетот е богат со ендемична флора и фауна.

 

Соња Рилковска