Македонија напредна 10 места во најновиот извештај на Светскиот економски форум

05.05.2014 12:47

Извештајот го покажува напредокот на земјите не само според развојот на информатички и комуникациски технологии, но и според економското и социјалното влијание...

Во најновиот извештај на Светскиот економски форум за информатичка технологија, Global Information Technology Report, Македонија бележи напредок од 10 места. Оваа година Македонија се наоѓа на 57-то место од 148 земји, додека минатата година земјава беше сместена на 67-то место.

Извештајот го покажува напредокот на земјите не само според развојот на информатички и комуникациски технологии, но и според економското и социјалното влијание, а посебен акцент е ставен на силните точки и слабостите со кои се соочува една земја.

Тука детално се анализираат и предностите и ризиците од работење со големи податоци, таканаречените „big data“, како и користа која може да биде извлечена од јавноста и приватните организации.

Од земјите од соседството, пред Македонија се наоаѓаат Хрватска на 46-то место и Црна Гора на 52-то место, додека после нас се Босна и Херцеговина (68), Бугарија (73) , Грција (74), како и Србија (80). Од поранешните југословенски земји, Словенија се наоѓа најнапред во овој извештај, и тоа на 30-то место.

На врвот на оваа листа, пак се наоѓаат Финска,Сингапур, Шведска, Холандија и Норвешка.

Развиените економии мора да го задржат својот раст и да најдат нови области во кои ќе се развиваат, а младите економии кои се во развој треба да најдат начин да опстојат во турбулентниот пазар и своите иновации и потенцијали мора да ги засилат за да се носат со економскиот раст којшто го имале во минатата деценија, стои во извештајот на Светскиот економски форум.