турција-сирија

Продолжува потрагата по преживеани во земјотресите

18.02.2023 14:36

Над 45 илјади загинати во катастрофалниот земјотрес што ги погоди Турција и Сирија. Продолжува спасувачката операција. СЗО бара 84,5 милиони долари за решавање на здравствените потреби. Турција најави дека следниот месец ќе почне масовна изградба на куќи за преживеаните. Новите згради ќе бидат со најмногу четири ката. Меѓународните организации со апел да се дозволи и натаму испорака преку двата гранични премина што беа отворени од Турција кон Сирија...

Расте бројот на загинати по катастрофалните земјотреси што ги погодија Турција и Сирија. Иако повеќето меѓународни спасувачки тимови ја напуштија погодената зона, домашните тимови продолжуваат со потрагата по преживеани. Три лица во Антакија се спасени откако поминале 296 часа под урнатините, меѓу спасените има и дете.

Уништени се над 264.000 станови. Оние што останаа без кров над глава се жалат за стандардите за градење. Во погодените подрачја во Турција најавено е дека следниот месец ќе започне масовна изградба на куќи за преживеаните. Новите згради ќе бидат со најмногу четири ката. Заробените под урнатините сведочат за голготата низ која поминале додека спасувачите не ги пронашле.

„Нашата зграда се сруши во 7 до 10 секунди. Додека трчав кон вратата веќе бев под урнатините. Ги снимав потресите. На секој последователен потрес покривот се повеќе се приближуваше кон мене“, вели Таха Ердем, 17-годишен преживеан.

Во погодените области постои сериозна закана од ширење на заразни болести. Од Светската здравствена организација апелираат за 84,5 милиони долари за лекови и други медицински материјали, како и за активирање на мрежата тимови за итна медицинска помош. Во меѓувреме, јапонски медицински тим од 75 лекари, медицински сестри и други службеници во Турција почна да им помага на идните мајки.

„Бремените жени и децата се ранливи на катастрофи, затоа сакаме да обезбедиме темелна поддршка“, додаде Такетазу Фумино, медицинска сестра од Јапонија.

Најмалку 8,8 милиони луѓе во Сирија се погодени од земјотресот. На мнозинството им потребна хуманитарна помош. Меѓународните организации со апел да се дозволи и натаму испорака преку двата гранични премина што беа отворени кон Сирија.

„Од 9 февруари имаме вкупно 143 камиони кои минуваат низ граничните премини Баб ал-Хава и Баб ал-Салам. Движењата продолжуваат и во текот на викендот и ќе продолжат секој ден сè додека има потреба“, изјави Јенс Лаерке од Канцеларија на ОН за координација на хуманитарни прашања.

Претходно и САД ги охрабри страните да ги надминат поделбите, а Обединетите нации да издејствуваат резолуција со која ќе останат отворени граничните премини. 

 

Маријана Димовска