Екологија

Општина Пробиштип на чекор до решение на проблемот со јаловиштето на рудникот „Злетово“

18.02.2023 16:09

Интересот за изградба на фотоволтаични централи може да стави крај на децениските еколошки проблеми од јаловиштето на рудникот „Злетово“. Во финална фаза е проектот на Општина Пробиштип за санација на јаловиштето и пренамена на десеттина хектари во терен за фотоволтаици…

Општина Пробиштип е на чекор до решение на деценискиот проблем со старата јаловишна депонија на рудникот „Злетово“. Најголемата еколошка бомба во регионот содржи околу 11 милиони метри кубни хидро јаловина со тешки метали кои ги контаминираат воздухот, водата и почвата.

Со секој посилен ветар се крева оловна прашина, а со обилните врнежи металите од јаловиштето одат во подземните води и плодните површини. Проектот за санација е изработен, до крајот на март ќе завршат постапките за урбанизација, по што ќе се бараат инвеститори.

Доколку не се најдат инвеститори кои ќе вложат во санација на јаловиштето пред да постават фотоволтаици, Општина Пробиштип ќе бара средства од државниот буџет и странски фондации за решавање на овој проблем.

 

Славица Величковска