Куманово

Стабилна состојбата со заболени од грип во Куманово

18.02.2023 16:28

Стабилна е состојбата со заболени од грип во кумановско. Центарот за јавно здравје информира дека е забележано намалување на бројот на заболени. Здравствените работници сметаат дека намалувањето се должи и на почитување на превентивните мерки. Пред пандемијата во оваа општина биле регистрирани над 2.000 случаи на заболени од грип...

Намалување на бројот на заболени од грип бележи кумановскиот Центар за јавно здравје. Од јавната установа информираат дека очекуваат бројката да продолжи да се намалува. Најмногу заболени се лицата од 15 до 64 години, работоспособното население, помал број деца. Намалувањето на бројот велат се должи и на почитувањето на превентивните мерки. За споредба пред пандемскиот период во Куманово, во 2018/19 година, велат имаше над 2.000 случаи на заболени од грип.

„Во текот на шестата недела има само 11 пријавени случаи на заболени од грип или состојби слични на грипот. Во однос на минатата недела има незначително намалување, бидејќи тогаш во петтата недела имаше пријавено само 16 случаи, додека најголем број беа во четвртата недела. Така што вкупниот број на пријавени случаи во јануари е 214. Во споредба со целата сезона во 2021-22 имаме вкупно 221 случај“, истакна д-р Јадранка Стаменковска, епидемиолог од ЦЈЗ Куманово.

Здравствените работници советуваат, бидејќи станува збор за инфекција, почесто проветрување на просториите, изолација на заболените и витаминска исхрана. Информираат и дека годинава е забележан поголем одзив за вакцинација против сезонски грип.

„Голем интерес имаше кај лицата преку „Мој термин“ кои сакаа да се вакцинираат. Не само оние групи кои се препорачани и во ризик, туку имаше голем интерес и од оние лица кои работат во администрација и доаѓаат во комуникација со голем број на луѓе“, дополни Стаменковска.

Според анализите на Институтот за јавно здравје, во кумановско циркулира инфлуенца А, која завршува со полесна клиничка слика.

 

Елена Георгиевска