Облешево

Сточниот пазар во Облешево сè уште е затворен

19.02.2023 13:41

Сè уште на сила е забраната за тргување со жива стока на сточниот пазар во Облешево. Сточарите незадоволни, велат иако сточниот фонд е мал, барем да се овозможи тргување со крупен добиток и живина...

Единствениот сточен пазар во источниот регион во село Облешево е празен. Сè уште на сила е забраната за трговија со жива стока заради африканската чума, но сточарите велат и да се тргне забраната, сточниот пазар пак ќе биде празен. Сточниот фонд е десеткуван. Свињите се уништени заради африканската чума, а крупен добиток скоро и да нема заради ниската откупна цена на млекото. Крави не се чуваат ниту за сопствени потреби.

Иако сточниот фонд е мал, сточарите сметаат дека пазарот во Облешево каде порано се тргуваше секој вторник, треба да биде отворен за крупен добиток и за живина.

Сточниот пазар во Облешево во последните неколку години повеќе е затворен отколку што е во функција. Причина се сточните болести како син јазик, африканска чума, јазлеста кожа, а не работеше и за време на Ковид пандемијата. Условите за тргување се примитивни, а сите предизборни ветувања дека ќе се модернизира пазарот, остануваат само на хартија.

 

Славица Величковска