ТУРЦИЈА-СИРИЈА

Завршува спасувачката операција во Турција, регистрирани нови земјотреси

19.02.2023 14:42

Завршува спасувачката операција во Турција, но земјиштето не мирува. Во измината ноќ регистрирани серија земјотреси, од кои најсилниот бил од 5,2 степени по Рихтер. Обединетите нации разгледуваат опции за помош на оние коишто ги загубија домовите во Сирија. Светската здравствена организација проценува дека хуманитарната помош е неопходна за 26 милиони луѓе, во спротивно се заканува нов бегалски бран …

Завршува потрагата по преживеани во подрачјата погодени од разорниот земјотрес во Турција. Официјалните податоци покажуваат дека бројот на загинати и натаму може да расте. Во катастрофата уништени се 345 илјади станови. Турскиот град Антакија е еден од најтешко оштетените со уништени станбени области и некои значајни историски споменици.

„Ова беше прекрасна област во која ги носевме нашите групи. Стари куќи во Антакија, стари улици. Сега за жал сите се уништени“, изјави Мехмет Североглу, туристички водич.

Тлото во Турција не престанува да се тресе. Земјотрес од 5,2 степени по Рихтер синоќа го погоди централниот турски регион. Во Сирија пак, земја што се опоравува од 12-годишната граѓанска војна, економијата е на колена поради санкциите и пандемијата со Ковид-19. Многу луѓе немаат каде да одат.

„Не ни остана ништо. Веќе ја немаме куќата. Се пријавив во засолништето, кажав дека моите сопруг и син се болни, но и од таму ме избркаа“, вели Еида ал-Шеихо, преживеана од земјотресот во Сирија.

Обединетите Нации разгледуваат опции како да обезбедат парични средства за помош на оние коишто ги загубија домовите во катастрофата. Хуманитарните конвои со речиси 200 камиони преку Турција пристигнаа во северозападна Сирија.

„Мислам дека најголемиот предизвик е да се зголеми помошта колку што е можно повеќе преку трите гранични премини што ги имаме“, изјави Кирстен Милдрен, портпарол на канцеларија на ООН.

Светската здравствена организација проценува дека хуманитарната помош е неопходна за 26 милиони луѓе во Турција и во Сирија. Директорот на Светската програма за храна вели дека ако Европа не сака нов бегалски бран, треба да одвои средства за помош. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен е во официјална посета на Турција за зајакнување на поддршката на Вашингтон за Анкара по катастрофалните потреси.

 

Маријана Димовска