Здравство

Доколку утре не биде исплатена јануарската плата, здравствените работници најавија протест в среда

19.02.2023 15:19

Ако до крајот на работното време нема плата на сметките на вработените, во среда ќе излезат на протест – велат од Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита. Низа на директори, ама никој не се грижи што нема лекови за граѓаните и плата за здравствените работници – обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Бараат одговорност од сите функционери кои можеле, а не го спречиле овој крах на здравствениот систем …

Не се исклучува можноста идната недела да има генерален протест на вработените во сите јавни здравствени установи, но за овој чекор утре напладне ќе одлучува членството на самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, – потврдија за МТВ. Најголемиот револт е неисплатената јануарска плата, но и другите неисполнети ветувања на здравствените работници.

И од синдикатот на клинички на иста линија, ако до крајот на работното време нема плата на сметките на вработените, во среда ќе излезат на протест.

„Доколку не бидат исплатени, ние во вторник ќе свикаме Извршен одбор и Совет на синдикатот и најверојатно во среда ќе излеземе на протест да го изразиме нашето незадоволство од целата ситуација. Револтот кај сите вработени во здравството е навистина голем, сепак сите ние идеме на работа за плата, имаме семејства, имаме кредити, имаме други трошоци, струја, парно кои не чекаат, изјави д-р Горан Беговиќ, претседател на Самостојниот синдикат на клинички центар „Мајка Тереза“.

Дел пак од вработените во болницата „8 септември“ утрешната паузата од 13 до 13.30 часот ќе ја искористат за протест пред установата. Велат дека нема да го нарушат работниот процес.

Одговорност за тоа што половина месец има крах во здравствениот систем побараа од ВМРО – ДПМНЕ. Велат граѓаните не можат да добијат лек на рецепт, боледувањата не се исплаќаат, а здравствените работници немаат плата.

„Двајцата директори на Фондот за здравствено осигурување не можат да се видат во јавност. Едниот наводно шета надвор од државата, а токму тој самиот во својата биографија има наведено дека има напредни вештини од ИТ технологијата. Освен овие двајца, ни трага ни глас нема ни од уште деветте секторски директори, како и од седуммината членови на Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување“, изјави Игор Николов, ВМРО – ДПМНЕ.

Сè уште не се знае како ќе биде исплатена платата на здравствените работници дали преку фондот или од трезорот на Министерството за финансии. Не се исплаќаат ниту боледувањата. Освен соопштенија, две недели надлежните од Фондот за здравство не излегоа во јавност да објаснат кога ќе се реши проблемот.

 

Андријана Ѓурческа