Макрон сака пораз на Русија во Украина, но не и нејзин целосен колапс
По Минхенската безбедносна конференција заклучено е оти мора да се забрза поддршката за Киев. Францускиот претседател вели дека сака да ја види Москва поразена, но не и скршена, а војната не смее да се префрли на територијата на руската федерација. Според Макрон ниту една страна не може да постигне целосна победа. Од руското МНР обвинија за дволична дипломатија …

За францускиот претседател војната во Украина не е само онаа на Европејците, таа влијае на целата планета, објаснуваше тој на Конференцијата за безбедност во Минхен.
„Бидејќи таа е агресија лишена од сите оправдувања и која би ја квалификувал како што тоа го направив на трибината на Генералното собрание на Обединетите нации, неоколонијална и империјалистичка“, изјави Макрон.
На враќање од Минхен, Емануел Макрон се довери во интервју за „Ле Фигаро“, „Ле Журнал ди диманш“ и радиото од јавниот сервис „Франс Интер“.
„Сакам Русија да биде поразена во Украина и сакам Украина да може да ја одбрани својата позиција, но убеден сум дека на крајот тоа нема да се заклучи воено“, објасни шефот на француската држава.
„Не мислам, како некои, дека Русија треба да биде целосно поразена, нападната на нејзина почва. Овие набљудувачи сакаат пред сè да ја скршат Русија. Ова никогаш не бил став на Франција и никогаш нема да биде“, додаде тој.
Се чини дека овие набљудувачи се оние кои, особено во Источна Европа, се потврдокорни и силно ги критикуваа во мај 2022 година неговите забелешки дека Русија не треба да се „понижува“.
Тој, исто така, објасни дека е неопходно да се „интензивира“ поддршката за Киев за да се придвижи кон кредибилни преговори.
„Она што е потребно денес е Украина да води воена офанзива што го нарушува рускиот фронт со цел да предизвика враќање на преговорите“, инсистираше тој за трите француски медиуми.
Според него,ниту една страна не може целосно да победи, ниту Украина, ниту Русија, бидејќи ефектите од мобилизацијата не се толку големи како што се очекуваше и самата има ограничувања на капацитетот.
„Дали искрено мислиме дека ќе произлезе демократско решение од руското граѓанско општество присутно на лице место по овие години на стврднување и во целосен конфликт? Навистина го сакам тоа, но навистина не верувам во тоа“, предупредува Макрон.
Тони Гламчевски
