Скопје

Бесплатен туристички разглед на градот Скопје

19.02.2023 18:31

По повод 21 февруари, Меѓународниот ден на туристичките водичи, Македонската асоцијација на туристички водичи организираше бесплатен разглед на Скопје и Битола. Во главниот град појдовна точка беше меморијалната куќа на Мајка Тереза…

Да ги обновиме старите познавања и да научиме нешто ново за културните знаменитости на Скопје е мотивот за да се приклучиме на иницијативата на туристичките водичи за бесплатен стручен разглед на градот, велат дел од групата граѓани присутни на стартот од турата.

Ова е само почеток на една поголема активност на Асоцијацијата на туристички водичи за поширок опфат на посетители на едукативните прошетки за запознавање на скопските знаменитости. Не радува одзивот на граѓаните да се приклучат на туристичкиот разглед од споменикот на Мајка Тереза преку плоштадот Македонија, старата чаршија и црквата Свети Спас, потенцираат од Асоцијацијата во пресрет на нивниот ден.

Иницијативата за бесплатен разглед на градовите низ државата ќе продолжи преку соработка со локалната самоуправа за што веќе се остварени контакти со ЗЕЛС.

 

Билјана Јанакиевска