Украина

Бајден во ненадејна посета на Киев

20.02.2023 12:46

Американскиот претседател Џо Бајден во ненадејна посета на Киев. Украина се држи, демократијата се држи, рече тој по средбата со Зеленски. Најавена нова американска помош од 500 милиони долари, но и дополнителни санкции против Русија. Продолжуваат жестоки битки на фронтот...

Под засилени безбедносните мерки американскиот претседател пристигна во Киев. Една година подоцна, Украина се држи, демократијата се држи, рече Бајден по средбата со Зеленски во палатата Марински. Најавена нова американска помош од 500 милиони долари.

„Пред една година ова време, кога разговаравме на телефон, господине претседателе. Беше многу доцна во ноќта во Вашингтон, рано утро овде во Киев. Руски авиони беа во воздух и тенкови се тркалаа преку границата. Таа темна ноќ пред една година, светот буквално се подготвуваше за падот на Киев. Една година подоцна Киев стои и Украина стои. Демократијата стои. Американците стојат со вас и светот е со вас“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

„Ова е историски и многу важен момент за нашата земја за да можеме детално да зборуваме за состојбите на бојното поле“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Во пресрет на годишнината од почетокот на руската агресија Москва изврши ракетни и воздушни напади во Луганск, Доњецк и во Запорожје. Во гранатирањето биле убиени и ранети цивили. Војната уби десетици илјади од двете страни, предизвика уништување и ги принуди не само Украина, туку и Шведска и Финска да бараат членство во НАТО, сметаат аналитичарите.

„Путин се најде во војна која не сакаше да ја води, која не ја очекуваше, конфликт што не требаше да се случи. А Западот покажува многу повеќе единство, многу повеќе солидарност меѓу себе отколку што очекуваше, санкциите се многу построги – буквално сè што тој науми да направи појде катастрофално наопаку“, рече Филип Шорт, британски новинар.

„Кога тој ќе стане омразен од повеќе од половина граѓани, а одиме во таа насока, ќе се зголемат шансите за државен удар, елитен удар, воен удар“, рече Абас Галјамов, политички аналитичар.

Според истражувања, руските бизниси ја напуштат Русија бидејќи сметаат дека економската ситуација во земјата ќе се влошува.

„Имаше сиромаштија во просек, и таа остана. Сега инфлацијата јаде речиси се. Цените растат, платите остануваат непроменети“, вели Виталиј, жител на Москва.

„Војната што се води во Украина ја расипува целата економија. Сите пари одат таму. Толку многу наши војници се убиени, толку е тажно!“- рече Валентина, жителка на Москва.

Кремљ пак го објаснува нивото на доверба што руските граѓани го имаат во својот претседател.

„Најважен е клучниот момент низ кој минуваме, тежок момент, но општеството се консолидира околу претседателот. И покрај надворешниот притисок, земјата сè уште одржува макро и микро стабилност, економијата е цврсто на нозе“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Сојузниците на Киев бараат начини како да обезбедат што повеќе оружје и муниција за Украина и се обидуваат да изнајдат план што би го решил конфликтот.

 

 

 

 

Маријана Димовска