ФЗОМ го решава проблемот, здравствените работници на протести
Здравствените работници и сите аптеки конечно со пристап до осигурувањето на пациентите. Последно предупредување до Фондот од Клиниките. Ако денеска не им легнат пари на сметките, во среда протест. Предупредувачки протест и на вработените во градската Општа болница „8-ми Септември“, пред установата го искажуваат револтот поради доцнењето на платата...

Фондот за здравство најавува решавање на проблемот, синдикатите на протести, незадоволни поради неисплатената јануарска плата. Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита донесе одлука.
„Одлуката која ја донесе советот на Самостојниот синдикат за здравство, за протест во среда за 22-ри февруари, е сè во насока дека го избегнуваме или напуштаме овој пристап, за да ве разберат треба и да ги разбереме со цел да го искажеме нашето незадоволство, до неисплатата на платата и непотпишувањето на анексот за покачување на платите“, изјави Љубиша Каранфиловски, претседател на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.
Лекари, медицински сестри, техничари, на предупредувачки протест. Револтот го искажаа за време на паузата – велат без личен доход не можат да ги исплатат месечните потреби. Ако нема плата, излегуваат на генерален протест.
„Ние бараме од надлежните, во најкус можен рок да се исплати јануарската плата којашто е заслужена и исто така бараме ова да не се повтори никогаш повеќе. Ова го доживуваме како еден вид непочит, врз здравствените работници кои самите знаете цел товар на Ковид-19 кризата го изнесоа на своите плеќи“, изјави Биљана Огненоска – патолог од клиниката за онкологија.
Здравствените работници од Геријатрија, пак бараат зголемување и на личниот доход за 20 насто, како и порамнување на платите. Се заканија со блокирање на главниот град.
„Ние Скопје ќе го блокираме на влезот на Ѓорче Петров и од Автокоманда и ќе го блокираме Центар. Во четврток најава за блокада на Скопје од Независен синдикат и другите синдикални организации на цело Скопје, ако на Владата и на пратениците им се исплати да го блокираме Скопје и да ги покажуваме со прст нека продолжат со ова нивно неработење“, изјави Лазо Костовски – претседател на независен синдикат на геријатрија.
Системот „Мое осигурување“ на Фондот за здравство е вратен во функција по двонеделниот сајбер – напад поради кој податоците не беа достапни. Сите аптеки и здравствени работници имаат увид во осигурувањето на пациентите, но, исплата на плати и боледувања сè уште нема.
Андријана Ѓурческа
