Флоријан Бибер: „На Балканот сè поголем дел од населението мисли дека нивната земја никогаш нема да влезе во ЕУ“
Ако оваа динамика не се промени, нема многу причина да се биде оптимист за проширувањето на ЕУ. Треба да се намали можноста земјите-членки да стават вето за влез на нова земја. Мора и на Балканот да му дадеме перспектива...

Историчарот Флоријан Бибер, во интервју за париски „Ле Монд“ вели: „На Балканот сè поголем дел од населението мисли дека нивната земја никогаш нема да влезе во ЕУ“
Пред 20 години Европската Унија им вети на балканските земји марш кон интеграција. Војната во Украина би можела повторно да го оживее процесот кој бавно се материјализира. Во интервју за „Ле Монд“, историчарот од Луксембург Флоријан Бибер ги анализира причините за блокадите и нивните последици. Според Бибер „на Балканот сè поголем дел од населението мисли дека нивната земја никогаш нема да влезе во ЕУ“
Флоријан Бибер е политиколог и историчар специјализиран за етнички конфликти и национализам на Балканот. Луксембуржанецот го раководи Центарот за јужноевропски студии на Универзитетот Карл-Франценс во Грац, Австрија.
Во париски „Ле Монд“ тој вели дека „Процесот на проширување доби поголемо внимание од властите на ЕУ поради апликацијата на Украина за членство, во раните денови на руската офанзива, на која потоа и беше доделен статус на кандидат за ЕУ од јуни 2022 година. Така за да оваа одлука не биде сфатена како премногу проблематична од земјите од Западен Балкан, ЕУ потоа ги отвори преговорите со Северна Македонија и Албанија во јули 2022 година, а во декември, Босна и Херцеговина доби статус на кандидат. Сепак, сè уште не гледаме кои се конкретните средства што би овозможиле да се придвижи овој процес напред.“
Според Бибер „Поминаа дваесет години откако ЕУ на овие земји им даде „европска перспектива“, изјавувајќи на крајот на самитот во Солун во јуни 2003 година дека „иднината на Балканот е во Европската унија“. Оттогаш, само Хрватска стана земја-членка, во 2013 година [меѓу поранешните југословенски републики, Словенија беше прва што се приклучи на ЕУ во 2004 година] и никој не може да каже кој ќе биде следен и кога – иако некои од овие земји се многу понапредни во пристапните преговори од Украина“.
Од страната на ЕУ, некои земји-членки го блокираа процесот во име на нивните билатерални интереси. Најпознат е случајот со Грција, која се спротивстави на пристапувањето на Северна Македонија [принудена да го смени името во 2019 година]. Франција потоа стави кочница и Бугарија стави вето [до јуни 2022 година]. Овие ставови испраќаат погрешен сигнал до другите балкански земји.
Според професорот од Грац, на овие однесувања се додава и недостатокот на политичка волја. ЕУ пристапува кон процесот на проширување од главно техничка гледна точка; Земјите-членки често го гледаат Балканот низ призмата на безбедноста, особено во однос на миграциското прашање, поддржувајќи ги недемократските влади таму кога тие се подготвени да ги контролираат своите граници.
На балканската страна, главната пречка е недостатокот на демократија, особено во Србија. Во сите овие земји постои силна политичка поларизација, што ја отежнува секоја соработка во насока на усвојување на реформите неопходни за нивно влегување во Унијата.
Затоа Флоријан Бибер инсистира: Ако оваа динамика не се промени, нема многу причина да се биде оптимист за проширувањето на ЕУ. Треба да се намали можноста земјите-членки да стават вето за влез на нова земја. Мора и на Балканот да му дадеме перспектива. Ако е тешко да се одреди датум, барем треба да размислиме да продолжиме напред во овој процес без да го туркаме назад уште десет или дваесет години. Бидејќи оваа бавност има последици за засегнатото население, од кои сè поголем дел веруваат дека нивната земја никогаш нема да влезе во ЕУ. Сепак, без оваа надеж, не може да има притисок врз политичарите да ги спроведат реформите што ги бара ЕУ. Другите светски сили имаат влијание врз земјите од регионот и можат да извлечат корист во ваквото чекање за влез во ЕУ, оценува Бибер за париски Монд, но заклучува дека европскиот модел е што луѓето од регионот го посакуваат за својата земја.
Тони Гламчевски
