Турција

Турција објави крај на спасувачките операции, бројот на жртвите надмина 41 илјада

20.02.2023 14:10

Според податоците на Анкара, над 40 илјади луѓе го загубиле животот во катастрофалниот земјотрес, но се проценува дека бројката веројатно е двојно поголема. Државниот секретар Блинкен во посета на турската престолнина оствари средби со својот колега Чавушоглу, а беше и на хеликоптерска тура над погодените региони...

Заврши спасувачката операција во Турција по катастрофалните земјотреси. Според податоците на Анкара, над 40 илјади луѓе го загубиле животот, но се проценува дека бројката веројатно е двојно поголема. „Хуманитарна помош им е потребна на околу 26 милиони луѓе во погодените подрачја на Турција и на Сирија“, тврдат од Светската здравствена организација.

„Мислев дека се случува апокалипса, се обидовме да излеземе. Не можевме. Почувствувавме дека се урива куќата, таму беа и децата, па им викнав да одат во ќошот, но не успеавме да избегаме“.

„Бев во голем шок, не можев ни да мрднам. Првото на што се сеќавам е дека барав помош, прашував дали некој ме слуша. Потоа се онесвестив и не знам што се случувало во тие 2-3 часа“.

Од САД ќе добијат уште 100 милиони долари покрај претходно одобрените 85 милиони долари. Државниот секретар Блинкен во посета на турската престолнина оствари средби со својот колега Чавушоглу, а беше и на хеликоптерска тура над погодените региони.

„Урнатините се резултат на човечка грешка. Погрешно ги изградија, инаку сè уште ќе стоеја овде. Погледнете ги овие градби, тие биле направени правилно. Овде имаме многу стари места и невозможно е да не се со дополнителна заштита, историски се, а историјата не се брише“.

„Ќе им требаат десет години да го изградат одново градов. Го снема, толку. Потребни се и време и пари“.

Турското Министерство за правда соопшти дека е отворена постапка за 131 лице поради сомнеж дека неодговорно граделе згради кои не успееја сега да го издржат земјотресот. Неколкумина беа уапсени на истанбулскиот аеродром при обид за бегство.

 

 

Маја С. Филдишев