ФЗОМ

Грковска: Граѓаните имаат право да бидат информирани

20.02.2023 14:10

Криењето не е решение, граѓаните имаат право да знаат што се случува, вицепремиерката за транспарентност и добро владеење, Славица Грковска, рече оти ќе побара од директорката на ФЗОМ да одговори на поставените прашања од јавноста. Таа апелираше за поголема кибернетска заштита и рече оти тие пари не се дадени за луксуз, туку за базични потреби...

Проценка на институцијата е дали директорката на ФЗОМ ќе излезе на прес-конференција или граѓаните ќе ги информираат преку соопштение. Ова го вели вицепремиерката за политики за транспарентност и добро владеење, Славица Грковска. Според неа, криењето не е решение. Таа вели дека граѓаните имаат право да бидат информирани во секој момент, затоа што податоците и информациите припаѓаат на граѓаните, не на институциите.

„Ова што се случува е ново за сите нас, за најголемиот дел од нас и претпоставувам дека не сите подеднакво и успешно се снаоѓаат во ваква ситуација. Во секој случај, сметам дека секоја институција којашто е под хибриден напад, којашто е под сајбер закана, има обврска да излезе јавно да ги информира граѓаните за статусот, за тоа што се презема од страна на институцијата за заштита и враќање на податоците и информациите на што и да е под хибриден напад“, изјави Славица Грковска – вицепремиерка за транспарентност и политики и добро владеење.

Грковска рече дека ќе побара од директорката Магдалена Филиповска Грашкоска, да излезе во јавноста и да одговори на прашањата во врска со хакерскиот напад на веб-страната на ФЗОМ. Апелираше институциите да разберат дека алоцирањето на буџетски средства за кибернетичка заштита не е луксуз, туку инвестиција.

 

Катерина Топалова