НБА Лига

Успешна деби сезона за Македонецот, преку Океанот

05.05.2014 15:03

Перо Антиќ ја заврши првата НБА сезона со 7 поени по натпревар и со 4,2 скока, за околу 19 минути во просек. Во постсезоната одигра 7 меча и во скоро 25 минути по средба, остваруваше 3 поени и 4 скока по натпревар.

Често играше на позицијата 5, иако пониската центарска му е природното место и таму е далеку покорисен. Беше избран за руки мечот на Ол Старот, не настапи поради повреда, а неговата Атланта покажа заби и дури во последниот можен натпревар, го загуби првото коло од најдобриот  тим на Истокот. Индијана цела сезона имаше само 6 порази дома, а доживеа два, во три натпревари против Хокс.

Финалистите Спарс добија навремено предупредување од Далас. Во синоќешната мајсторка сепак ги прегазија Маверикс со 119:96, зад 32-та поена на Паркер. Новицки постигна 22 поена со 9 скокови за поразените.

И на фаворитите Бруклин против Торонто, Клиперс во тензичното соочување со Голден Стејт и Оклахома против секогаш незгодната екипа на Мемфис, им беа потребни 7 меча за пласман во втората рунда.

Шампионот Мајами немаше проблеми и помина без пораз, во серијата со аутсајдерот Шарлот. Портланд полесно од очекуваното остана во игра, со 4:2 против Хјустон. Имаше едно изненадување во првото коло, но не поради исходот на серијата, туку поради начинот на кој што Вашингтон го прегазија Чикаго, со 4:1.

Во конференциските полуфиналиња, на Истокот ќе се соочат Пејсерс и Визардс, односно Хит и Нетс. На Западот, Спарс играат со Блејзерс, односно Тандер против Клиперс.