Сеуште тече истрагата за тешката несреќа на патот Битола- Прилеп
Пет загинати и две повредени лица е билансот од тешката сообраќајна несреќа што се случи синоќа на патот Битола-Прилеп кај село Лознани. Во едно од возилата загинало цело семејство. Роднините во очај велат –ова ни на камен да не му се случи...

Сеуште тече истрагата за утврдувањето на точните причини за тешката сообракајна несреќа што синоќа се случи на патот Битола-Прилеп, во близина на селото Лознани, а во која животот го загубија пет лица на возраст од 17-38 години. Според неофицијалните информации се претпоставува дека тројцата настрадани патници од автомобилот „Фиат Тофас“ биле татко, ќерка и зет. На лице место починале и двајца од четворицата патници во автомобилот „Фолксваген Голф“.
„Ова е голем шок за нас. Трагедија која никој не сака да му се случи и на најголемиот душман. Од изутрината сме овде во клиничката болница но што фајде од тоа загубите се големи да се молиме барам за двајцата повредени да останат живи“, вели близок роднина на повредените од крушевското село Алданци.
„Лошата вест ја научив сабајлево. Загинаа детето и невестата на многу мој близок пријател. Тешки се овие моменти“, вели пријател на настраданите.
Во животна опасност се и двете тешко повредени лица кои по несреката хитно беа пренесени во оделението за анестезија реанимација и интензивно лекување при битолската клиничка болница.
„Двајцата пациенти ги примавме последователно, Кај првиот пациент имаше повреди на главата, оток, крвавење, воздух и повреда на синусите. Исто така има контузии, нагнетување на граден кош и скршеница на десната бутна коска. Вториот пациент беше донесен во потежок хеморагичен шок но нема повреди во главта“, рече д-р Тања Струмениковска Ристевска, раководителка на службата за анестезија реанимација и интензивно лекување при битолска клиничка болница.
Доктор Тања Струмениковска Ристевска вели дека по преземените интервенции тие бсе поставени на респиратор и постојано ке ја следат нивната состојба.
Инаку од ОЈО дадена е наредба врз телата на починатите де се изврши обдукција.
Стевче Митревски
