Земјотреси

Вратени на терен спасувачките екипи по синоќешните земјотреси во Турција и Сирија

21.02.2023 12:11

Повторно разурнати домови, затрупани луѓе. 10-тина луѓе загинаа во новиот силен земјотрес во Турција и во Сирија. Потрес од 4,3 степени по Рихтер изутрината е регистриран и во Италија...

Новите земјотреси во Турција и Сирија ги врати на терен спасувачките екипи само неколку часа откако прогласија крај на потрагата по преживеани. Тектонското движење во Турција било со јачина од 6,4 по Рихтеровата скала, а во Сирија – 5,8 степени. Погоден е истиот регион кој е веќе уништен од разорните сеизмички движења на почетокот на месецов. И овој пат има загинати, повредени и исчезнати. По главните удари била регистрирана и серија од 90 последователни потреси. Зградите разнишани од претходните земјотреси се урнаа целосно. Турскиот претседател Ердоган за идниот месец најави старт на градежните работи на речиси 200.000 станови во 11-те погодени провинции. Сеизмичката активност била почувствувана и во Кипар, Грција, Египет, Израел и Либан.

„Операции за спасување се почнати во три града. Тројца се под урнатини. Примени се четириесетина повици, никој не е во критична состојба“, изјави Сулејман Шојлу, министер за внатрешни работи на Турција.

„Кога се случи, сите излеговме на улица. Владее страв, паника. Сите се плашат. Ако продолжиме вака и вака продолжат потресите, ќе останеме во шатори“.

„Дома ни беше мирно. Се подготвував за молитва и почна да тресе. Истрчавме надвор. На приземје сме, не знам како излеговме, над нас има четири ката“.

Регионот се соочува и со здравствена криза. Во преполните засолништа се шират алергиски зарази поради несоодветни хигиенски услови. Владата се обидува да најде привремено решение. Отворен е базен кој го користат посебно мажите и жените.

„Овде има многу алергии, најчесто меѓу децата. Јас, лично, се немам измиено неколку дена“, рече Сара Мохамед, лекар од курдскиот регион на Ирак.

„Овде нема бањи, па ни тоалети. Чекаме да се стемни за да не нè видат кога треба да се вршат основните физиолошки потреби“.

„Ме чешаат рацете зашто немам каде да се измијам. Немаме ни вода за пиење“.

Земјотрес од 5,3 степени според Рихтер го погоди и јужниот дел на Иран, 112 километри од Бандар Абас, на длабочина од 10 километри. Засега нема извештаи за евентуални жртви или материјална штета.

Во централна Италија е измерен потрес со јачина од 4,3 по Рихтер, со епицентар на 8 километри од градот Мачерата, и длабочина од 2 километри.

 

 

 

Маја С. Филдишев