Руско-украински конфликт

Путин го обвини Западот за војната во Украина

21.02.2023 12:41

Русија привремено ќе го прекине учеството во Договорот за контрола на нуклеарното вооружување „Нов СТАРТ“, соопшти рускиот претседател во годишното обраќање пред јавноста. Го обвини Западот дека ја нападнал Русија, а таа морала да се брани. Кина изрази загриженост од можна ескалација на конфликтот во Украина. По посетата на Киев, американскиот претседател Бајден во посета на Полска. Вечер во Варшава ќе одржи говор...

Рускиот претседател Путин пред Думата го обвини Западот дека ја почнал војната во Украина. Рече дека е ова тежок период за неговата земја и оти се случуваат историски настани коишто ќе ја одредат нејзината иднина. Путин истакна дека пред една година биле преземени операции за заштита на луѓето во како што ги нарече, историските територии на Русија.

„Чекор по чекор, внимателно и доследно, ќе ги решаваме задачите на специјалната воена операција. Во меѓувреме, како што знаете ние правевме сè што е можно навистина да се реши овој проблем во Донбас по мирен пат. Сакам да нагласам дека искрено целевме кон мирно решение, но Западот играа по друго сценарио со животите на луѓето“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.

Шефот на кинеската дипломатија повика САД да се заложат за мировни преговори меѓу Русија и Украина. Кина смета дека конфликтот може да излезе од контрола.

„Пекинг ќе работи со меѓународната заедница да промовира дијалог и консултации, да одговори на грижите на сите страни и да бара заедничка безбедност“, изјави Чин Ганг, министер за надворешни работи на Кина.

Првите луѓе на НАТО и ЕУ на средбата со шефот на украинската дипломатија Кулеба реафирмираа дека ќе продолжат со поддршката на Украина за одбрана на својата држава.

Американскиот претседател Бајден на средбите со полскиот државен врв разговараше за заедничките напори на Западот во поддршката на Украина.

 

 

 

 

 

Ирина Гелевска