Ден на македонскиот јазик

Мајчиниот јазик богатство за идните генерации

21.02.2023 12:49

Почитувањето на различните култури и на различните јазици произлегува од многувековната борба за слобода и признавање на македонскиот јазик. Со низа настани, Институтот за македонски јазик го одбележува меѓународниот ден на мајчиниот јазик. Во рамките на одбележувањето, дел посветен на Крсте Мисирков и на поезијата на Ацо Шопов...

Почитувањето на различните култури и на различните јазици, произлегува од многувековната борба за слобода и признавање на македонскиот јазик заедно со македонската држава, но и од соживотот на балканските простори од памтивек. Почитувањето на сопствените корени, традиции и народната мудрост, мора да се преточи во завештание за идните генерации со порака за толеранција, прифаќање и респект кон различностите, испратија порака од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, на меѓународниот ден на мајчиниот јазик.

Јазикот е единствената наша татковина, велел големиот Блаже Конески. Како куќа, како дом, како огниште, секој треба да го негува и да му оддава почит на својот мајчин јазик како најголемо богатство, а доколку го цениме сопственото, ќе можеме да го почитуваме и туѓото, рече Јанкуловски-ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

Македонскиот јазик е културно наследство кое ниту се одзема, ниту се дава, ниту се подарува, рече министерката за култура Костадиновска. Го имаме правото и потребата да се изразуваме на нашиот македонски јазик во сите сфери.

Годинава ќе добиеме и нов закон за употреба на македонскиот јазик, со кој ќе ги зацврстиме механизмите на чување, негување, ширење и афирмација на стандардниот македонски јазик, рече министерката Костадиновска.

 

Александра Спировска