Скопје

Дел од дојавите за бомби се лажни, проверките сè уште траат

21.02.2023 12:58

Серија дојави за поставени експлозивни направи. Дел од нив се лажни, за другите антитерористичките екипи сè уште се на терен и вршат проверки. Денеска дојава за бомба и во претседателската палата, во неколку државни институции, хотели, Железничката станица, спортскиот центар „Борис Трајковски“...

За првпат дојава за бомба и во претседателската вила на Водно. Денеска дојави за експлозивни направи имаше на повеќе локации низ Скопје, во трговски центри, музеи, културни установи како и во средни училишта.

Од Кабинетот на претседателот велат дека откако пристигнала заканата за поставена експлозивна направа, веднаш е постапено по утврдените протоколи.

„Кабинетот на претседателот ги почитува насоките на Министерството за внатрешни работи и примената на стандардните протоколи во вакви прилики. Претседателот Пендаровски ги извршува редовните работни обврски согласно планираната агенда на активности“, се вели во соопштението од Кабинетот на Пендаровски.

Дојави за поставени бомби стигнаа и на адресите на повеќе училишта, но и на медиуми, како и во Музејот на град Скопје, Природонаучниот музеј, Археолошки музеј, Музеј на македонската борба. Објектите веднаш беа евакуирани.

Веднаш по добиените дојави, полицијата ги спроведе антитерористичките проверки. Овојпат, имаа полни раце работа, оти закани за бомби стигнаа и во неколку трговски центри, хотели, во зградата пегла и во кулите Џевахир, но и во куќата на фудбалот и спортскиот центар „Борис Трајковски“, Управниот суд, Железничката станица.

Земјава веќе неколку месеци во континуитет се соочува со лажни дојави за поставени бомби. Надлежните велат дека станува збор за хибриден напад. За дел од случаите, имаше и уапсени.

 

 

Ана Јосифоска Тодоровска