ХПВ – вакцинацијата и масовен скрининг се најдобра превенција против рак на грло на матката
Повеќе од 300 жени годишно заболуваат од рак на грлото на матка , кај голем дел, болеста е фатална. Лекарите објаснуваат, раното откривање е клучно за лекувањето. Важни се и редовните гинеколошки прегледи, но и вакцинацијата. Таа е задолжителна за девојчињата на 12 годишна возраст...

ХПВ вакцинацијата и масовниот скрининг се најдобрата превенција во намалување на бројот на заболени од рак на грлото на матката. Поради недостиг од скрининг, голем број жени во земјава заболуваат, дел од нив ја губат битката. Лекарите објаснуваат – раното откривање е клучно за лекувањето.
„Ние ќе придонесеме да ги опфатиме сите оние што досега не биле опфатени со скрининг. За жал тој процент досега е многу мал, но вложуваме огромни напори и државата даде огромни средства, иако излезе информација дека е намален буџетот, тоа не е точно“, изјави проф. д-р Марјан Стојовски.
„Со многу едноставен и безболен преглед пациентките можат да бидат спасени односно да бидат превенирани или да бидат откриени во фаза кога можат да се излекуваат“, изјави д-р Викторија Јовановска, директор на Универзитетската клиника за гинекологија.
ХПВ вакцината е ефикасна и безбедна и со неа може да се елиминира ова заболување – објаснува доктор Грозданова. Но, родителите најчесто се против бидејќи се воведува во релативно рана возраст, на 12 до 15 години.
„И тогаш најверојатно родителите сè уште не размислуваат за сексуално преносливи болести како што всушност ХПВ-то кое најчесто така се пренесува, треба во тој период да ги заштитат своите девојчињата. Меѓутоа исклучително е важно дека пред да бидат сексуално активни да ја примат оваа вакцина бидејќи во 97 проценти заштитува. Извонредно е ефикасна и безбедна“, изјави проф. д-р Александра Грозданова, претседател на Националната комисија за имунизација.
Целта на Светската здравствена организација е до 2030 година – 90 проценти од женската популација да биде опфатена со скрининг, 20 насто од девојчињата од 12 до 14 години да бидат вакцинирани и 90 насто од рано откриените лезии на грлото на матката да бидат третирани.
Андријана Ѓурческа
