Судство

Правосудството ќе се поднови со нови кадри

21.02.2023 14:49

Претседателот на Кривичен, Џолев вели нема надлежност да ги анализира кандидатите од ранг-листата на Академијата, но се надева дека тие ќе бидат стручни и квалитетни. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, не сакаше да ги коментира семејните врски на повеќето од кандидатите, вели евентуалните неправилности треба да се испитаат...

Нема надлежност да ги анализира кандидатите од ранг-листата на Академијата, но се надева дека ќе бидат стручни, квалитетни и со интегритет во извршувањето на својата професија, вели претседателот на Кривичен суд Џолев. Смета дека е невозможно да се предвидува колку тие ќе бидат имуни на влијанија, но сака да верува дека нема да се случи тоа без разлика чии синови, ќерки и роднини се тие.

„Сакам да верувам дека ќе добиеме квалитетни кадри бидејќи сепак тие ги минале сите филтри, биле оценувани, им се ценел интегритетот, знаењето и способноста. Сакам да верувам во тоа“, вели Џолев.

Лидерот на опозицијата, не сакајќи да коментира за семејните врски, вели повеќето од кандидатите се од владејачката коалиција, евентуални неправилности треба да се испитаат.

„Органите коишто се одговорни да тој процес го водат, да го водат до крај, да видат дали има некакви неправилности, да бидат санкционирани, а доколку се откријат неправилности тука нема синови, ќерки, туку или е прекршен законот и процедурата или не“, изјави Мицковски.

Владејачката СДСМ прстот го впери кон потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски.

„На ранг-листата може да се прочита кандидатката за судијка Симона Муцунски-Бубевска, сопруга на Тимчо Муцунски, градоначалникот на аеродром и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, затоа не треба да ја мешаат СДСМ“, велат од СДСМ.

Филтерот на Академијата го поминале ќерка на обвинителка од Републичкото јавно обвинителство и на обвинителка од Основното јавно обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, синот на обвинителка од поранешното СЈО и на апелациски судија, син на актуелен судија во Врховниот суд, на Вишиот управен суд Јакупи, поранешен претседател на Советот на јавни обвинители и на поранешен претседател на Судскиот совет. Потоа снаа на судијка од Тетово, сопругата на актуелниот шеф на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција и синот на собранискиот спикер.

 

Фиљана Кока