Вечерва ќе бидат објавени прашањата за екстерното тестирање

05.05.2014 15:23

На интернет страницата prasanjaeksterno.dic.edu.mk ќе бидат јавно достапни вкупно 425.800 прашања од кои 221.900 на македонски и 203.900 на албански, турски и српски јазик...

Министерството за образование и наука вечер во 21 часот ќе ги објави прашањата за претстојното екстерно тестирање за основните и средните училишта што ќе одржи од 2 до 10 јуни.

На интернет страницата prasanjaeksterno.dic.edu.mk ќе бидат јавно достапни вкупно 425.800 прашања од кои 221.900 на македонски и 203.900 на албански, турски и српски јазик. Има прашања за 5.141 предмет во основното образование и за сите струки и насоки во средното образование. Бројот на прашања зависи од застапеноста на предметот во наставниот план.

„За наставен предмет кој е застапен со 1 час неделен фонд во наставниот план за основно и средно образование, изготвени се 100 прашања, за наставен предмет кој е застапен со 2 часа неделен фонд во наставниот план изготвени се 200 прашања и.т.н. Изготвените прашања потоа се проверени и рецензирани од страна на професори ангажирани од Државниот испитен центар“, појасни министерот за образование и наука Спиро Ристовски на денешната прес-конференција.

Годинава со екстерното тестирање ќе бидат опфатени вкупно 189.037 ученици од четврто одделението во основно образование до трета година во средното образование, како и 18.126 наставници од вкупно 680 основни и средни училишта.