Добрососедство

Односите меѓу Скопје и Софија на најниско ниво

21.02.2023 18:34

Центарот за европски стратегии „Евротинк“ организираше дебата за односите меѓу Скопје и Софија. Оценето е дека се влошени, а културните клубови наместо за соработка и приближување, беа искористени како средство за провокација. Учесници на дебатата посочија дека двете страни треба да покажат зрелост, а политичките елити да се дистанцираат од историските прашања...

Односите меѓу Скопје и Софија многу се влошија и сега на дното – констатира Димитар Атанасов од Бугарската академија на науките. Според него, отворањето културни клубови во двете земји се искористија како средство за провокација, која за жал, почнала од Бугарија. Според Атанасов, присуството на политичката елита на отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“ придонело за поттикнување конфликт којшто би се користел за политичко-бизнис интереси во бугарските кругови. Тој смета дека и двете страни треба да покажат зрелост, но не верува дека скоро затоплување на меѓусебните односи.

„Јас сметам дека впишувањето на Бугарите во Уставот на РСМ е апсолутно бесмислена работа, т.е и со и без него Бугарија треба да дозволи преговори на Северна Македонија за во ЕУ. Ако на 2-ри април на изборите се добие стабилна Влада тоа ќе биде изненадување и за нас Бугарите. Тоа не значи дека државата треба да блокира, и дека сите меѓународни врски треба да стојат на пауза, затоа што некој не е во состојба да направи Влада. Мрежите на некогашните тајни служби, од кои дел се и бугарски институции во моментов, не престануваат да ги влошуваат односите при што на чело на кампањата во последно време, одново застана на моја огромна жал, бугарскиот претседател“, изјави Атанасов.

Според директорот на Центарот за европски стратегии „Евротиник“, приближување на позициите меѓу двете земји е возможно доколку политичките елити се дистанцираат од историските и националните прашања.

На трибината за улогата на ЕУ во односите меѓу Македонија и Бугарија беа споделени искуства за надминување на споровите на држави кои се веќе дел од европското семејство.

 

Марина Стојанова Тонева